Спектакуларно отворена изложбата на цртежи од „Мал битолски монмартр“ во Хонг Конг
Во Хонг Конг денеска се одржа заедничка средба на раководителите на детските ликовни студија „Св.Кирил и Методиј“-Битола и „Симпли Арт“ од тој град.
- Со нашиот домаќин Хенри Лау Ху Чонг разговаравме за продлабочување на нашата соработка воспоставена пред пет години, за организарање заеднички детски ликовни изложби во нивниот и нашиот регион, гостувања на поединци на ликовни фестивали како и за педагошко-техничка соработка, изјави за МИА, Коста Хаџи Aнтоновски, раководител на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола.
Синоќа по локално време во кинескиот центар „Плаза Холивуд“ во Хонг Конг на спектакуларен начин беше отворена ликовна изложба на „Мал битолски Монмартр во Хонг Конг“ на која се поместени педесеттина детски ликовни творби, но и големи паноа со мотиви од Битола, Охрид и Крушево. Настанот предизвикал голем интерес меѓу културната јавност и медиумите во Хонг Конг.
- Во Хонг Конг одржавме голем ликовен час и натпревар за талентирани деца, на кој учествуваа 150 млади ликовни уметници. Најдобрите десет творби ќе ги изложиме в година, на 30-тото јубилејно издание во Битола кога наш посебен гостин ќе биде победничката од ликовниот натпревар, малечката Грејс Цанг Тѕ Јан, посочи Хаџиантоновски.
Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ со творби од меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ настапува по втор пат во Кина. Првиот пат изложба беше организирана за време на Олимписките игри во Пекинг и сега во Хонг Конг.
Изложбата на „Мал битолски Монмартр“ во Хонг Конг, Кина ќе биде отворена до 18 јули.
ПОДГОТОВКА ЗА ИЗЛОЖБАТА
ПРИЕМ ВО ЕДУКАТИВНИОТ ЦЕНТАР ВО ВЛАДАТА ВО ХОНГ КОНГ
ИЗЛОЖБА "МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР 2010 ВО ХОНГ КОНГ"
ДРУЖЕЊЕ СО НАШИТЕ ПРЕКРАСНИ ДОМАЌИНИ