|
Идејата дојде спонтано во далечната 1982 година во Загреб (Хрватска) во еден пријателски, но неофицијален разговор со еден од уредниците на загрепското детско списание “Модра ласта” и ликовните педагози од тогашна Југославија.
Имено, во 1982 година членовите на Детското ликовно студио - Битола станаа добитници на првата награда на сојузниот конкурс на тема “Светот околу нас” Што го имаше распишано списанието “Модра ласта”. На свеченото доделување на наградите, покрај наградениот ученик, присуствуваше и раководителот на Студиото, Коста Хаџи Антоновски. Тој во Загреб имаше повеќе разговори со истакнати ликовни педагози од разни краишта на тогашна Југославија, а во врска со организирање на детска ликовна манифестација во Битола. Неговата идеја со одушевување беше прифатена од страна на ликовните педагози, кои притоа ветија дека со задоволство ќе учествуваат на манифестацијата. Охрабрен од тоа, Хаџи Антоновски уште веднаш по враќањето од Загреб ги отпочина подготовките за новата ликовна манифестацијата во Битола.
Првата ликовна манифестација “Битола” се одржа на 24 и 25 мај 1982 година по повод Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. На првата Ликовна колонија “Битола 82” учествуваа четириесетина ученици и ликовни педагози од 5 градови: Паг и Винковци (Хрватска), Прилеп, Македонски Брод и Битола (Македонија). Учесниците на првата колонија твореа два дена, пред Центарот за култура во Битола, на слободна тема.
Наредната година, на Колонија “Битола 83” се оформи сегашната физиономија на фестивалот “Мал битолски Монмартр”. На втората колонија учествуваа ученици од 8 градови во некогашна Југославија, а по избор и покана на Студиото. Тие со себе понесоа и свои колекции од цртежи од кои е отворена првата изложба на ликовни творби “Битола”. Секое училиште учесник на колонијата беше претставено со колекција од 10 творби, а 100-те цртежи беа изложени во Уметничката галерија во Битола. Оваа изложба, всушност, значеше и почеток на формирањето на Меѓународната изложбата “Битола”, која со својата грандиозност и убавина отвори нова страница во Гинисовата книга на рекорди.
Третата Ликовна колонија “Битола 84” ќе остане забележана во аналите на Битолскиот Монмартр по распишувањето на ликовен конкурс (тогаш сојузен, а сега меѓународен) за учество на битолската колонија и по тоа што пристигнатите творби ги разгледуваше и оценуваше стручно жири составено од еминентни ликовни педагози, ликовни уметници и општествено - политички работници. Почнувајќи од оваа година, Битолската манифестацијата го носи името “Мал битолски Монмартр”.
На колонијата “Битола 84” е внесена уште една новина која трае до денешни дни - организирање на ликовни каравани. Првиот ликовен караван се одржа во битолско село Буково. Почнувајќи од 1992 година, битолската колонија добива меѓународен карактер, со учество на млади ликовни таленти од Европа и светот.
Досега на “Малиот битолски Монмартр” имаат учествувано млади ликовни таленти од повеќе земји во Европа и светот: Аргентина, Нов Зеланд, Швајцарија, Германија, Финска, Франција, Србија и Црна Гора, Австралија, Индија, Кина, Словенија, Италија, Хрватска, Велика Британија, Бугарија, Холандија, Белорусија, Молдавија, САД, Русија, Украина, Литванија, Словачка, Полска, Република Кина Тајван, Турција, Иран, Романија, Полска, Португалија, Австрија, Индонезија, Ерменија, Унгарија, Либан, Малезија, Грција, Босна и Херцеговина, Чешка, Албанија, Белгија, Кипар, Македонија...Постојат убави изгледи на годинашниот јубилеен “Мал битолски Монмартр 06” бројот на земјите учеснички значајно да се зголеми.
|
|
Во почетокот (на првите две ликовни колонии) во Битола, на “Малиот битолски Монмартр” доаѓаа екипи од некогашните ју - простори кои Ќе ги поканеше организаторот Детското ликовно студио “Св. Кирил и Методиј” - Битола. Почнувајќи од 1984 година, односно од третата Детска ликовна колонија “Битола”, Студиото започна со распишување на ликовен конкурс за учество на Колонијата. Конкурсот беше на слободна тема, а се распишуваше во почетокот на септември, а траеше до 20 февруари наредната година. На конкурсот имаа право да учествуваат деца од предучилишните установи (детски градинки) и од основните училишта. Учесниците учествуваа со свои колекции од најмалку 20 цртежи, на слободна тема и на ликовни техники по сопствен избор. Од 1991 година,кога колонијата прерасна во меѓународен ликовен фестивал, на Битолскиот Монмартр можат да учествуваат и повозрасни ученици: од средните училишта, уметнички училишта, лицеи, студенти на ликовните академии.
Сите пристигнати творби на меѓународниот конкурс ги разгледува и оценува меѓународно стручно жири. Меѓународното стручно жири ги одредува училиштата - учесници на фестивалот, ги одредува добитниците на другите награди: “Гран при”, највисоко признание на Фестивалот, награди за најдобри колекции, награди за најдобри поединечни награди (златни палети, златна четка, дипломи и др.),специјални награди и сл.
Меѓународното стручно жири, исто така, секоја година избира во просек од 1.800 до 2.000 творби од меѓународниот конкурс, кои ја сочинуваат Меѓународната изложба на детски творби “Битола”. Изложбата традиционално свечено се отвора првиот ден на Фестивалот (23 мај) во присуство на голем број гости, учесници на фестивалот, ученици и ликовни педагози добитници на награди.
Фестивалот “Мал битолски Монмартр” се одржува во Битола во традиционалниот термин од 23 до 30 мај. На Фестивалот учествуваат најдобрите училишта Што ги одредува меѓународното стручно жири. Секое училиште учествува со екипа од 4 члена 3 ученици и 1 ликовен педагог.
Во текот на седумте мајски денови учесниците на Фестивалот творат на отворен простор, низ улиците на Битола, во друштво со граѓаните, пазарџиите и дуќанџиите од Старата битолска чаршија, најпознатата и најопена битолска улица во градот на конзулите широк Сокак и другите улици на традиционалната тема “Старата македонска архитектура”. Учесниците од страна на организаторот добиваат бесплатно ликовен прибор, работна облека (маици, капи, торбички, чантички и сл.), а се сместени во најрепрезентативниот хотел во Битола “Епинал”.
Сите творби што учесниците на Фестивалот Ќе ги изработат во Битола и во другите градови каде што гостува ликовниот караван “Битола” се разгледуваат и оценуваат седмиот, последниот ден на Фестивалот. Тој ден се одредува училиштето - учесник со најдобра колекција. Исто така, се одредуваат и најдобрите поединци на Фестивалот, кои се стекнуваат со правото да учествуваат како гости на наредниот Битолски Монмартр. Честопати награди доделуваат и други установи и здруженија (Здружението на архитектите на Македонија, Здружението на занаетчиите “Свети Спиридон” Битола и др.).
Најдобрите творби од секој Фестивал влегуваат во постојаната поставка, односно изложба “Бисерите на Малиот битолски Монмартр”. Сите цртежи од оваа колекција се комплетно опремени и нејзини колекции редовно гостуваат во градови во земјата и во светот. |